НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ, НАМЕНА НА КРЕДИТОТ
Кој може да ги користи поволностите од Законот за субвенционирање на станбен кредит?
Законот за субвенционирање на станбен кредит важи за сите физички лица кои се државјани на Република Македонија, имаат постојано живеалиште на територијата на Република Македонија и кои ги исполнуваат условите предидени со овој Закон (објаснети во дел II од ова Известување).
Дали може да аплицирам и за двете варијанти или треба да се определам само за една?
При аплицирањето, лицето треба да се определи само за една од варијантите на субвенционирање на станбен кредит со средства од Буџетот на Република Македонија, и тоа:
- половина од месечниот ануитет во еднаков износ во првите пет години од неговата отплата, или
- половина од учеството за станот или куќата, кое не смее да надмине 25% од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, односно не повеќе од 6.250 евра во денарска противвредност.
Дали е дозволено добивање на субвенциониран станбен кредит за доградба, односно надградба на куќа?
Да, може да се добие субвенциониран станбен кредит за доградба, односно надградба на куќа. При тоа мора да се нагласи дека барател на субвенциониран станбен кредит може да биде само лице кое за прв пат го решава станбеното прашање, односно претходно не е сопственик на стан или куќа (вклучително и на еден кат од куќа), бидејќи еден од условите за добивање на субвенциониран станбен кредит е барателот да нема во сопственост, сосопственост или заедничка сопственост стан, односно куќа.

Примери:
1. Родителите и синот/ќерката (сам или со сопруг/ сопруга или деца) живеат во исто семејно домаќинство, при што куќата во која што живеат и земјиштето на кое се наоѓа таа куќа е во сопственост на едниот или двајцата родители, а синот/ќерката нема во сопственост дел од куќата, ниту има стан или друг објект. Синот/ќерката има намера по прв пат да го реши своето станбено прашање на начин што сака да изгради надградба или доградба на постојниот објект во сопственост на неговите родители. Во овој случај потребно е градежно – техничката документација (како Одобрение за градба) да биде издадена на име на синот/ќерката како баратели на субвенциониран станбен кредит. Со цел да се добие одобрението за градба, покрај другите услови определени во законот за градење (како на пример да има проект за доградбата/надградбата и сл.) барателот на субвенционираниот кредит, односно во примеров синот/ќерката треба да реши две основни прашања и тоа: а) да премине правото на градење на земјиштето од родителите на синот/ќерката и б) да добие право да доградува, односно да надградува на постојниот објект кој е во сопственост на неговите родители. Во основа двете овие права се регулираат со склучување на т.н. „договор за градење“, кој претставува договор меѓу родителите и синот/ќерката со кој родителите им ги пренесуваат двете права, а истиот се заверува на нотар. ОВА Е СЛУЧАЈ КОГА СИНОТ/ЌЕРКАТА МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАН СТАНБЕН КРЕДИТ!

2. Родителите и синот/ќерката живеат во иста куќа која има 2 ката, при што родителите живеат на едниот кат и имаат имотен лист во кој се сопственици на тој кат, додека пак синот/ќерката со своето семејство живеат на другиот кат и исто така имаат имотен лист во кој се сопственици на тој кат. При тоа синот/ќерката сакаат да изградат доградба, односно надградба на куќата со тоа што ќе изградат уште еден кат или ќе го прошират постојниот и на тој начин ќе добијат поголем простор за живеење. ВО ОВОЈ СЛУЧАЈ СИНОТ/ЌЕРКАТА НЕ МОЖАТ ДА СЕ ЈАВАТ КАКО БАРАТЕЛИ НА СУБВЕНЦИОНИРАН СТАНБЕН КРЕДИТ! Причина: Во ваков случај не е исполнет условот од Законот за субвенционирани станбени кредити според кој барателите на ваков кредит не треба да имаат во своја сопственост стан/куќа.
За што сé може да се користат средствата од субвенционираниот станбен кредит (Дали може да се аплицира за купување стан, односно куќа од физичко лице)?
Субвенционираниот станбен кредит може да се користи за купување на нов стан, кој е изграден или се гради, согласно Законот за градење или изградба на нова куќа. Субвенционираниот станбен кредит може да се користи само за купување стан непосредно од инвеститорот на објектот или изведувачите, односно за изградба на нова куќа, доколку градежно-техничката документација гласи на име на барателот на субвенциониран станбен кредит.
Дали Законот важи за правење куќа во село?
Законот за субвенционирање на станбени кредити важи за целата територија на Република Македонија, доколку лицето ги исполнува предвидените критериуми и услови пропишани во Законот.
Дали ќе може да се аплицира за субвенциониран станбен кредит за купување стан/куќа во место различно од тоа каде што живеам?
Законот за субвенциониран станбен кредит се однесува за цела територија на Република Македонија и не поставува такво ограничување. Но, напоменуваме дека корисникот на субвенциониран станбен кредит има обврска за поднесување на пријава за промена на местото на живеење на адреса на новиот стан/куќа до надлежен орган во рок од 60 дена од денот на воведувањето во владение на барателот на субвенциониран станбен кредит.
Веќе поседуваме стан со големина од 38m2. Наша желба е да купиме поголем стан, а претходно да го продадеме постоечкиот. Можеме ли да бидеме дел од некоја од двете понудени опции?
Согласно одредбите од Законот, предвидена е можност да се користи субвенциониран кредит доколку барателот има во сопственост еден стан или куќа, кој го продава заради купување на поголем стан/куќа за потребите на сопствено домување.
Дали секој кој ќе ги исполни условите ќе се субвенционира или ќе се субвенционира по некој систем?
Доколку ги исполнувате условите за одобрување на субвенционирани кредити пропишани со Законот на субвенционирање на станбени кредити, по одобрено барање за станбен кредит од деловната банка, Министерството за финансии, по завршување на јавниот повик (доколку се поднесени барања чиј вкупен износ ги надминува предвидените буџетски средства за овој проект), ќе одлучува за поднесените барања за субвенционирани кредити со користење електронски систем за избор на корисници на кредити. Критериуми за избор на корисниците на кредитите се висината на месечните примања на барателот, односно семејството на барателот и висината на бараниот кредит, при што предност имаат барателите со пониски примања и барањата на помал износ на кредит.
II. УСЛОВИ, НАЧИН И ПОСТАПКА НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА СТАНБЕН КРЕДИТ
Кој има право да аплицира и кои се условите за користење на поволностите од Законот за субвенционирање на станбен кредит?
Субвенционирање на станбен кредит може да користи физичко лице кое е државјанин на Република Македонија, има постојано живеалиште на територијата на Република Македонија, ги исполнува условите за добивање на станбен кредит кои ги пропишуваат деловните банки и доколку: - нема во своја сопственост, во сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар, стан односно куќа, или во сопственост има само еден стан или една куќа која ја продава заради купување на поголем стан, односно куќа за потребите на сопственото домување, - лицето или брачниот другар не користи друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето на барањето за субвенциониран станбен кредит, - лицето кое не е во брачна заедница има вкупен месечен приход кој не надминува 900 евра во денарска противвредност пресметани по средниот курс на Народна Банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на барањето за субвенциониран станбен кредит, - вкупниот месечен приход на лицето и неговиот брачен другар не надминува месечно 900 евра во денарска противвредност пресметани по средниот курс на Народна Банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на барањето за субвенциониран станбен кредит и - лицето има дадено изјава заверена на нотар дека нема да го издава станот, односно куќата под закуп, дека нема дополнително да ја оптовари недвижноста со хипотека и дека нема да го оттуѓи станот, односно куќата купена односно изградена со средства од субвенционираниот кредит во период од првите пет години од започнување со исплатата на кредитот. Притоа, лицето или неговиот брачен другар кое оттуѓило, подарило или на друг начин располагало со правото на сопственост на стан или куќа по 1 август 2011, нема право на субвенционирање на станбен кредит, освен во случај кога има само еден стан/куќа на територијата на Република Македонија кој го продава заради купување на поголем стан, односно изградба на поголема куќа за потребите на сопственосто домување. Субвенционирање на станбен кредит може да се користи само за купување на нов стан или изградба на нова куќа, доколку продажната цена на м2 нето корисна станбена површина со вклучен данок на додадена вредност не надминува 900 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна Банка на Република Македонија на денот на поднесувањето на барањето за субвенционирање на станбен кредит. Барањето за станбен кредит и пропишаната документација се поднесуваат до избрана деловна банка за времетраењето на јавниот повик. Деловната банка ја проценува и одлучува за кредитната способност на кредитобарателот, врз основа на што донесува одлука за одобрување или одбивање на барањето. По завршување на јавниот повик, доколку се поднесени барања чиј вкупен износ ги надминува предвидените буџетски средства за овој проект, Министерството за финансии ќе одлучува за поднесените барања за субвенционирани кредити, со користење електронски систем за избор на корисници на кредити. Критериуми за избор на корисниците на кредитите се висината на месечните примања на барателот, односно семејството на барателот и висината на бараниот кредит, при што предност имаат барателите со пониски примања и барањата на помал износ на кредит.
Корисник сум на станбен кредит и го користам пет години, ми остануваат за плаќање уште 10 години. Која е шансата да се добијат средства од проектов?
Согласно одредбите од Законот за субвенционирање на станбен кредит, лицето или неговиот брачен другар не смее да има подигнато друг станбен кредит. Истовремено, информираме дека согласно овој Закон не се предвидува трансформација од еден во друг кредит, како и дека субвенциониран кредит се одобрува за кредит за кој барањето е поднесено по отпочнување со примена на овој закон (01.01.2012), согласно објавениот јавен повик за аплицирање (кон крајот на јануари 2012 година), до деловната банка која одобрува кредити за купување на стан или изградба на куќа..
Што доколку двајцата брачни другари не се во работен однос, а немаат никакво живеалиште?
За да може лицето да аплицира за субвенциониран кредит, покрај условите предвидени со Законот за субвенционирање на станбени кредити, потребно е да ги исполнува условите за добивање на станбен кредит кои ги пропишуваат деловните банки, каде еден од основните услови за добивање кредит е кредитобарателот да е во редовен работен однос. За лицата во социјален ризик и другите ранливи групи во тек е реализација на проекти со друг вид на помош, преку надлежните министерства.
Колку време треба да се биде во брак за да се исполнат условите?
Законот за субвенционирање на станбен кредит не прави разлика во семејната и брачната состојба на лицето. Имено, не постои услов во врска со тоа колку години лицето треба да е во брак за да добие субвенциониран кредит, а напоменуваме дека лицето и не мора да е во брак за да ги користи поволностите од Законот за субвенционирање на станбен кредит.
Дали субвенционираниот кредит ќе можат да го користат и млади лица кои сеуште не се во брак, а работат и се кредитноспособни или самохрани родители?
Законот за субвенционирање на станбен кредит не прави разлика во семејната и брачната состојба на лицето. Како корисник на субвенциониран кредит може да се јави и лице кое не е во брак, доколку ги исполни критериумите за добивање станбен кредит на деловната банка и условите предвидени со Законот за субвенциониран станбен кредит.
III. СОДРЖИНА НА ДОГОВОРОТ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАН СТАНБЕН КРЕДИТ
Што ќе содржи Договорот за субвенциониран станбен кредит?
Договорот за субвенциониран станбен кредит содржи:
- Забрана на корисникот на кредитот да го издава станот, односно куќата под закуп,
- Забрана за дополнително оптоварување на недвижноста со хипотека,
- Обврска за за поднесување на пријава за промена на местото на живеење на адреса на новиот стан или куќа до надлежен орган во рок од 60 дена од денот на воведувањето во владение на барателот на субвенциониран станбен кредит во станот, односно куќата,
- Право на деловната банка право во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 90 дена во намирување на која било обврска, односно обврска на деловната банка во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 180 дена во намирување на која било обврска, да го раскине Договорот за кредит, кредитот да го прогласи за достасан и да преземе дејствија за присилна наплата на побарувањето од корисникот на кредитот по основ на субвенциониран кредит и субвенцијата, и
- Забрана за корисникот на кредитот да го оттуѓи станот, односно куќата купен, односно изградена со средства од субвенционираниот станбен кредит во период од првите пет години од започнување со исплата на кредитот.
Зошто е наметната обврска за поднесување на пријава за промена на местото на живеење на адреса на новиот стан или куќа до надлежен орган? Сепак, полесно е да се делат трошоците за живот со постарите (родителите) особено во текот на отплатата на станот. Што доколку се пријави новата адреса во лична карта, а тие не живеат таму?
Обврска за пријавување на местото на живеење на адреса на новиот стан или куќа има за цел да обезбеди дека субвенционираниот кредит ќе се користи за решавање на потребите за сопственото домување. Исто така, оваа обврска е пропишана и во Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и Законот за лична карта.
IV. ПРЕДВРЕМЕНО ВРАЌАЊЕ НА СУБВЕНЦИОНИРАНИОТ СТАНБЕН КРЕДИТ
Дали е дозволена предвремена отплата на кредитот за Проектот „купи куќа, купи стан“?
Да, дозволена е предвремена отплата на субвенционираниот станбен кредит. Не постои ограничување, корисникот на субвенциониран станбен кредит да може да изврши предвремена отплата на кредитот во деловната банка. Враќањето на кредитот е без казнена камата или провизија, но добиената субвенцијата, во случај на предвремена отплата потребно е да се врати на државата.

Со тоа што се создаделе услови корисникот на субвенциониран станбен кредит предвремено да го отплати кредитот, односно неговата финансиска моќ зајакнала до степен до кој може да изврши предвремена отплата на кредитот (главницата и каматата), се смета дека тоа лице повеќе не спаѓа во таргет групата на овој проект поради што е потребно да ги врати средствата кои ги добил како субвенција. Притоа, парите што ќе ги врати ќе можат да се искористат за субвенционирање на нови лица кои влегуваат во категоријата граѓани за кои е наменет овој проект. Да потсетиме, таргет група на Проектот „купи куќа, купи стан“ се лица кои немаат сопствен дом и не можат да добијат станбен кредит од банките, односно им е потребна поддршка од државата за добивање на станбен кредит за решавање на станбеното прашање. Со проектот, државата им помага на овие лица на два начина преку отплатата на половина од ратата во првите 5 години и преку плаќање на половина до учеството потребно за купување стан.

Сепак и оние граѓани кои предвремено ќе го вратат кредитот на банката и субвенциите на државата, ќе искористат дел бенефициите кои се предвидени со Проектот „купи куќа, купи стан“, а тоа се враќање на кредитот по субвенционирани каматни стапки пониски од пазарните, со што ќе генерираат заштеди заради пониските камати.
Исто така, враќањето на субвенциите во случај на предвремена отплата на кредитот спречува злоупотреби во случаи кога корисниците на субвенционирани станбени кредити дополнително во текот на отплатата се стекнале или располагаат со доволно средства за добивање на редовен станбен кредит. Овие корисници ќе ги искористат субвенциите, ќе остварат заштеди по основ на пониски камати, а со предвремената отплата на кредитот ќе остварат дополнителни заштеди имајќи предвид дека предвремено ќе ја вратат главницата и повеќе нема да плаќаат камати. Овие лица не се таргет групата на овој проект, бидејќи располагаат со приходи и средства кои им овозможуваат предвремена отплата и може да се квалификуваат за редовен станбен кредит. Од тие причини, предвидено е при предвремена отплата на кредитот, да се врати и субвенцијата.
Кои се последиците во случај да се задоцни со враќање на кредитот?
Согласно Законот за субвенционирање на станбени кредити, банката има право во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 90 дена во намирување на која било обврска, односно обврска во случај кога корисникот на кредитот ќе доцни најмалку 180 дена во намирување на која било обврска, да го раскине Договорот за кредит, кредитот да го прогласи за достасан и да преземе дејствија за присилна наплата на побарувањето од корисникот на кредитот по основ на субвенциониран кредит и субвенција.
V. ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО КАМАТАТА
Колку може да достигне максимум каматата во рокот за исплата во тие 20 години?
Доколку лицето е корисник на опцијата пола-пола рата, каматата во првите три години ќе изнесува најмногу до 4,99%, а во четвртата и петтата година најмногу до 5,5%. Во периодот потоа, каматната стапка ќе биде во рамки на политиките на банката за станбено кредитирање. Доколку лицето е корисник на опцијата 50% од учеството, каматата е ограничена на ЕУРИБОР + 4,5 п.п., што значи дека во каматата одреден дел ќе биде флексибилен и ќе зависи од шестмесечната меѓубанкараска каматна стапка на европските банки, додека другиот дел од каматата е фиксен (4,5 п.п.). Меѓубанкарската каматна стапка на европските банки може да ја проверите во секој момент на следниот линк: http://www.euribor-rates.eu